Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите (#IIO) на Институтот ПРЕСПА, е постојан проект од тематската област Надворешна политика и меѓународни односи. Активен од 2020 година, овој проект вклучува две компоненти: Индексот за меѓународно присуство (#3IIndex) и Имиџ опсерваторијата (#ImageObservatory).
Индексот за меѓународно присуство е синтетички индекс, кој го подредува, квантификува и агрегира присуството на различни држави во Северна Македонија. Индексот одговара на прашањето: колку и во каква форма се присутни државите во границите на Северна Македонија?
Имиџ опсерваторијата е истражувачка алатка која го следи и мери јавното мислење, ставовите и стереотипите за надворешната политика, како и за моделите на економска, политичка и културна размена меѓу Северна Македонија и другите држави.
Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите (#IIO) следи 64 држави во период од 21 година (2000-2020), од шест различни групи: ЦЕФТА; Европска унија; ЕФТА; Европско соседство, централна Азија и Блискиот Исток; Г20 и регионално важни играчи; Г7 и глобални играчи.
Опсерваторијата собира, систематизира и обработува статистички и други податоци од национални и меѓународни извори, како и податоци од медиумски публикации и профили на социјалните мрежи. Базата на податоци содржи приближно 80.000 статистички податоци користени за пресметка на индексот, како и приближно 7.000.000 написи од вестите, приближно 77.000 објави на Facebook од верификувани страници од Северна Македонија и приближно 14.000.000 твитови од корисници од Северна Македонија со најголем број следбеници и дофат.
Освен канцелариското истражување, #IIO вклучи теренско истражување со две анкети на јавното мислење спроведени на национално репрезентативен примерок од 1002 и 1216 возрасни испитаници, спроведени во 2000 и 2022 година. Покрај тоа, во 2020 година беше организиран електронски отворен форум, додека во 2022 година беа организирани 8 фокус групи со полнолетни граѓани во секој од статистичките-плански региони, како и два циклуса од 45 полу структурирани интервјуа со креатори на мислење и креатори на политики.