Поткаст серијалот „Северна Македонија во 2023 година“ на Институтот ПРЕСПА е нашиот придонес за анализа на годината во која влегуваме, предизвиците и можностите со кои државата ќе се соочи во областите во кои Институтот е активен. Во оваа епизода зборуваме на темата Предизвици, Реформи, Балкан, Европа и иднина, а ќе ги разгледуваме специфичните прашања за:
- пристапните преговори за членство во Европската Унија;
- подготвеноста за успешни преговори, како и подготвеноста за членството во Унија;
- блокадите во процесот и потенцијалната блокада на процесот и институциите со отворањето на прашањето за уставните амандмани;
- придонесот на Отворен Балкан, другите регионални иницијативи и забрзаната интеграција за економскиот развој и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Во оваа епизода од серијалот гостин говорник е заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, г. Бојан Маричиќ. Истовремено, г. Маричиќ е главен преговарач за пристапување во Европската Унија, како и Национален координатор за странска помош и Национален ИПА координатор.
Со вице-премиерот Маричиќ во панелот ќе разговараат и Весна Шапкоски, докторантка на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола и членка на Работната група на експертки за надворешна и безбедносна политика при Институтот ПРЕСПА од Скопје; Леа Огњаноска, докторантка на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, предавачка и истражувачка асистентка на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје и надворешна соработничка и истражувачка во Институтот ПРЕСПА од Скопје; и Кристијан Фидановски, докторанд на Универзитетот од Оксфорд, надворешен консултант за Северна Македонија во The Economist Intelligence Unit, асистент истражувач во тимот на проф. Тимоти Гартон Еш и надворешен соработник и истражувач во Институтот ПРЕСПА од Скопје.