Оваа публикација е резултат на програмата за менторирање на млади истражувачи и истражувачки за надворешна и безбедносна политика од проектот Неискористена експертиза. Во изработката на студијата учествуваше тим од учесници во програмата кои беа менторски водени од професорката д-р Јулија Брсакоска-Базеркоска.
Целта на оваа студија е да се анализираат дипломатските активности на Република Северна Македонија во контекст на воената дипломатија. Во опсег на оваа студија е анализата на моменталната состојба на воената дипломатија во меѓународните односи, со посебен осврт на значењето на воената дипломатија за малите држави. Студијата дава осврт на основните цели, задачи и функции на воената дипломатија на Република Северна Македонија, правната рамка која го овозможува нејзиното функционирање, како и нејзината организациона поставеност и родовата еднаквост во тој контекст, со посебен осврт на влијанието на членството на НАТО врз развојот на воената дипломатија. Како производ на оваа анализа ќе произлезат препораки за понатамошен развој на воената дипломатија на Република Северна Македонија.